Премиерот Фицо го обвини претседателот за дестабилизација на државата

Словачкиот премиер Роберт Фицо синоќа го обвини претседателот Андреј Киска дека ја дестабилизира државата со повикот за промени во Владата. Предвремени избори или целосна реконструкција на Владата побара Киска од Фицо, незадоволен од работата на институциите и нерасветлување на убиството на новинарот Јан Куцијак, кој пишувал за врската на власта со италијанската мафија.

Фицо, во телевизиското обраќање, не само што го обвини претседателот дека се обидува да ја дестабилизира земјата, туку дека во целата работа можеби на некаков начин е вмешан и американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос.

–  Киска и Сорос се сретнале во Њујорк на 20 септември.Барам претседателот да објасни зошто се сретнал со Сорос, за што зборувале и зошто на средбата не присуствувал претставник на словачкото Министерство за надворешни работи?- рекол премиерот.

Претходно Киска во специјалното обраќање до јавноста рече дека чекал неколку дена за да види какви мерки ќе преземе владата за да ја обнови довербата кај Словаците која е нарушена по убиството на Куцијак, но дека освен некои оставки не видел никаков конкретен план со кој би се решил проблемот.

– Денес недовербата на луѓето во државата е огромна. Таа недоверба е оправдана. Работите отидоа предалеку. Дојдовме до момент кога ја гледаме ароганцијата на моќта. Омразата е огромна, недовербата невидена- изјави Киска во специјалното обраќање пред јавноста.

Тој најави дека самиот ќе почне со консултации со лидерите на политичките партии околу можноста да се организираат предвремени избори.
Киска го победи Фицо на претседателските избори во 2014 година.

Иако полицијата по убиството на Куцијак, кој пишуваше за поврзаноста на властите со италијанската мафија, уапси двајца италијански државјани истите беа ослободени поради немање докази дека се поврзани со злосторството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.