Премиерот го најави проектот бесплатна средношколска среда

Во денешниот говор на Академијата за празникот Свети Климент, премиерот Никола Груевски објави проект о кој средношколците секоја среда ќе можат бесплатно да ги посетуваат државните театри, музеи и кина. Средношколците во среда ќе може бесплатно да се возат и со жичарницата на Водно.

-Вториот проект, кој исто така започнува со важност од 1 јануари 2016 година се однесува на средношколците. Следејќи ја успешната приказна на проектот “Слободен Четврток” наменет за студентите, преку овој нов проект кој се вика “Средношколска Среда” ќе се стремиме да ја подигнеме мобилноста, квалитетот на забава, и посетеноста на културните институции како театри, музеи и кина кај средношколците. Преку овој проектот „Средношколска Среда” секоја среда на сите средношколци, ќе им овозможиме бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата. На овој начин ќе се зголеми мобилноста на младите и ќе се влијае на зголемување на свеста за посета на установите на културата во Република Македонија и развој на културниот сегмент во младинската сфера, истакна Груевски.