Премиерот Груевски ги посети повредените од сообраќајната несреќа

Премиерот Никола Груевски ги посети повредените патници од несреќата кај Сарамзалино, кои се хоспитализирани во Ургентниот Центар во Скопје.

Во Ургентниот центар се донесени 10 повредени, од кои седум се примени и по укажаната помош тројца се пуштени на домашно лекување.

„Од тие седум примени, тројца се на КАРИЛ, тројца на Клиника за трауматологија. На еден од повредените пред малку е извршена интервенција, и е во стабилна здравствена состојоба.Од примените во КАРИЛ, една пациентка е во посериозна состојба, но е стабилна надвор од животна опасност. Таа се наоѓа на респиратор со контузии на белите дробови,“изјави директорот на Ургентниот центар, Реџеп Селмани.

Пациентот примен на Неврохирургија е во стабилна состојба.

„Има скршеница на базата на черепот, тој е свесен, контактибилен, го следиме и е во добра состојба. Потешко повредена е втората пациентка, која е примена на интензивно лекување која на крај требаше да се приклучи на респираторна машина заради згмечување на белите дробови.Но, и покрај тоа пациентката е во стабилна состојба и се преземаат сите мерки за понатамошно лекување,“изјави директорот на неврохирургија Александар Чапаровски.