Македонија

Премиерот Груевски на средби со турскиот државен врв

Премиерот Груевски на средби со турскиот државен врв

Премиерот Никола Груевски денеска, во рамки на посетата на Република Турција, ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган и со својот колега, турскиот премиер Ахмет Давитоглу, пренесува МИА.

Груевски изминатите два дена учествуваше на бизнис форуми во градот Ескишехир, индустриската област Коџаели и Измит каде пред турските стопанственици беа презентирани поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, за отворање бизнис и нови работни места.

Според агендата, владината делегација предводена од премиерот во чиј состав се и  министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски, наредните денови ќе учествува и на бизнис форуми во Анкара, Адана и Мерсин.

Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година се најде на 9. место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата брзо растечки економии во Европа, со пораст на бруто општествениот производ од четири проценти и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога што ја има оваа земја во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.