Премиерот Груевски во посета на мултинационалната компанија „Веибо“

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, во рамки на престојот во Азија, денеска ќе го посети градот Гвангжу во Народна Република Кина.

Гвангжу претставува седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која веќе има донесено одлука за инвестирање во Македонија и за отворање на фабрика во североисточниот реон со која ќе се отворат околу 5.000 работни места. Планирани се средби и со политичките претставници на регионот Гуангдонг.

Пред посетата на Гуангжу, владината делегација вчера го посети Специјалниот административен регион Хонг Конг, каде премиерот Груевски се сретна со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг, а ја посети и хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary) при што беше договорено македонски доктори и медицински персонал да одат на обука и едукација во болницата. Во организација на „Фајненшл Тајмс“ беше организиран и бизнис форум на кој беа претставени поволностите за инвестирање во Македонија.

Бизнис форум се одржа и во Сеул, Република Кореја каде бизнисмените од оваа азиска држава се запознаа со поволните услови што им се нудат на инвеститорите во Македонија.

Посетата на азискиот континент започна со престој во Јапонија каде премиерот Груевски оствари средби со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе. На бизнис форум беа промовирани поволностите за инвестирање, а во функција на овозможување на услови за соработка во областа на здравството, беше реализирана и средба со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал.