Премиерот на свеченото доделување на книжевна награда „Табернакул“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вечерва ќе присуствува на свечено доделување на Меѓународната книжевна награда „Табернакул“ за 2013 година.

Настанот ќе се одржи во Македонскиот народен театар  со почеток во 20 часот.

Владата на Република Македонија е покровител на наградата „Табернакул“,  а добитници оваа година се нобеловецот, турскиот писател Орхан Памук, и рускиот автор Виктор Ерофеев.

За добитниците на наградата одлучуваше книжевната академија „Табернакул“ во состав: Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и ланските добитници на наградата Милан Кундера и Љубивоје Ршумовиќ.

Книжевната награда Табернакул ја претставува бронзена скулптура, чијшто автор е академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

Составен дел на наградата „Табернакул“ е објавување на дела од секој лауреат. По тој повод, во печат излегоа романот „Немиот дом“ во превод на Илхами Емин од Орхан Памук и книгата есеи „Наивниот и сентименталниот романописец“ во превод на Андријана Драговиќ, како и романите „Руска убавица“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски и „Акимудија“ во превод на Драган Михајловиќ и Мирјана Наумовски

На вечерашното доделување на наградите беседа за Памук ќе одржи Мухиќ, а за творештвото на Ерофеев ќе говори Андоновски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.