Македонија

Брисел Премиерот Заев на средба со Јункер, Могерини и со Хан

Премиерот Заев на средба со Јункер, Могерини и со Хан

Премиерот Зоран Заев ќе оствари средба со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, за време на дводневната работна посета на Брисел. Ова е прва средба со македонски премиер на актуелниот претседател на ЕК.

Од Владата соопштија дека за време на оваа посета на највисоките институции на ЕУ во Брисел, на 5 и 6 декември, Заев и делегацијата на Владата во состав Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министер за надворешни работи, Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски и Драги Рашковски, генерален секретар на Владата, ќе имаат средби и со други, највисоки претставници на Европскиот Парламент и на Европската Комисија.

На 6 декември Заев ќе се сретне со претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани, веднаш после Молитвениот појадок во Европскиот Парламент, на кој е поканет и премиерот Заев.

Истиот ден Заев ќе има состанок со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со комесарот за соседска политика на ЕУ и за преговори за проширување, Јоханес Хан, со што завршува работниот дел од посетата на највисоките институции на ЕУ.

Во рамките на оваа дводневна посетата на Брисел, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (CEPS), како и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.