Преминот од образование до вработување најголем проблем кај младите

Моделот младинска гаранција, зелените работни места, бизнис инкубаторите и кариерните центри, се дел од можностите за намалување на невработеноста кај младите која во Македонија, но и во останите држави е двојно поголема од општата стапка на невработеност.  Транзицијата од образовните институции на пазарот на труд се истакнува како најголем проблем на младите при вработување.

За практиките и иновативни модели како да се зголеми младинската вработливост денеска на конференција во Скопје дебатираат претставници од Европскиот младински форум и националните младински форуми од повеќе европски држави.

Дамјан Николовски, претседател на Националниот младински совет, оцени дека причини за младинската невработеност во голема мера се економскиот систем и промените во светот, но и образованието и транзицијата  на младите од образовниот систем на пазарот на трудот која, како што потенцира, не секогаш оди мазно и често знае да им направи проблем на младите.

– Вештините кои ги добиваат на училиште и факултет генерално не одговараат со она што го бараат работодавачите на пазарот  на труд и така доаѓа до долг период на адаптација. На работодавачите не им се допаѓа она што го гледаат кај младите кога првпат ќе ги вработат, сакаат веднаш готов кадар, а на младите пак од друга страна им е потребно искуство за да можат да станат готов продукт, така што се вртиме постојано во еден магичен круг, изјави Николовски.

Според него, мора да се прави разлика помеѓу вработување  и квалитетни работни места за кои се залагаат младите, а не само место колку да се работи нешто затоа што на тој начин младиот човек  нема да биде инспириран и нема да го искористи потенцијалот.

Процентот на невработеноста на младите во државава зависно од изворите  е различен. Според последните податоци за најниско ниво, како што рече Николовски, невработеноста на младите изнесувала 39 проценти, но таа бројка флуктуира. Околу 40 проценти е невработеноста на младите и во Србија, каде, според нивниот младински совет, проблемите со кои се соочуваат младите на ова поле се исти како во Макеоднија. – Младите имаат проблем во трансферот од образованието на пазарот на труд, немаат доволно практични вештини, нема доволно квалитетни работни места, нема други начини  со кои можат да се префрлат на пазарот на труд. Потребно е да се креираат решенија за овој проблем на регионално ниво, изјави Милица Шкировиќ, член на УО на Младинскиот совет на Србија.

Според Алекснадар Трпковски од „Гоу грин Македонија“, за намалување на младинската невработеност е потребна поголема креативност, отворање нови бизниси за младите, користење на поволностите од државата, но и на светските трендови во бизнисот.

– Младите мислат дека веднаш по завршување на факултетот можат да се вработат, но не  е така. Тие мора  секогаш да се дообучуваат за одредени работни места. Компаниите имаат потреба од нов млад  свеж талент, но младите мораат постојано и додека се на факултет да се дообучуваат преку пракси, волонтирања и на разни начин со коишто би ја зголемиле својата цена на пазарот на труд, изјави Трпковски.

Се обидуваат, како што рече,  да ги насочиме младите кон отворање зелени работни места кои не се толку препозаени кај младите, а се голем извор на работни места во Македонија.

Британскиот амабасадор во Македонија Чарлс Гарет, порача дека е потребна поддршка на проектите со кои се помагаат младите да бидат поприсутни на пазарот на труд. Со такви предизвици, како што рече, се соочуваат сите европски земји, не само Македонија и Британија, некогаш причните се економски некогаш општествени. Поуспешни се државите кои се се ангажираат, разговарат и ги  преземаат потребните мерки.

– Ова е прашање кое поединците сами не можат  да го решат, потребно е да има ангажман и од поединците и од институциите, владите и организациите. Потребно е да има заедничка вклученост на сите страни за да се изнајдат решенија, но сепак поединците се тие коишто ќе размислат за тоа како можат сите тие мерки  и политики да ги доразвијат и како можат  тие самите да се развијат, изјави Гарет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.