сабота, 25 март 2017  |  Вести денес: 8

Препораки од Координативното тело за најавените обилни врнежи

dozd

Последни вести

Координативното тело за управување со кризи денеска упати препораки до општините, градоначалниците, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), компанијата ЕВН, Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи поради најавите за обилни врнежи од дожд, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Во препораките Координативното тело укажува градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси и да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да вклучат претставници од ЦУК, ДЗС и  МВР. Се препорачува и градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување и да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови.

Во препораките е наведено постојано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите, единиците на локалните самоуправи да интервенираат на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки, сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК, припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција.

На возачите им се препорачува навреме да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ и се апелира до месното население да помага и да се активира.

Од Министерството за транспорт и врски истакнуваат дека надлежните институции се во постојана координација и комуникација со цел навремено да се преземат превентивни мерки за избегнување евентуални несакани последици.

Во наредните денови, според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на серија влажни бранови од Медитеранот, се очекува врнежи на дожд и над 40 литри на метар квадратен.  Пообилни врнежи се очекуваат во северозападниот дел на земјата, а на повисоките планини и повремен снег.

Најчитани вести