Препораките за реформ од ЕК пред собраниска комисија

Листата на итни реформски приоритети за  Македонија од Европската комисија и Препораките од групата на високи експерти денеска се разгледуваше пред собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Препораките на Европската комисија се земени предвид, работењето на нивно реализирање всушност придонесе на многу групи граѓани кои беа во социјален ризик да им се помогне, да се намали невработеноста со проактивни мерки, сметаат дел од членовите на Комисијата.

– Ни претстојат многу работи, но мислам дека сите препораки на ЕК за 2014 се сериозно земени предвид и се работи на нивна имплементација, нормално онолку колку може и со капацитетот што го има Буџетот на Република Македонија, рече претседателот на Комисијата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски, објави МИА.

Додаде дека се бара да се осигури задоволителна автономија на независните регулаторни, контролни и надзорни тела, не само теоретски туку и во пракса, со цел да делуваат ефикасно и без притисок, а изборот на членството да се заснова на професионални способности и искуство соодветно за областа.

Затоа, рече, Деспотовски, во таа насока добро е да се посетат регулаторните тела од нивна надлежност – МАПАС и Комисијата за заштита од дискриминација, да се види со кои проблеми се соочуваат, дали имаат финансиски или проблеми со кадар…

– Ние сме на добар пат со реализацијата, треба да се продолжи во истата насока, бидејќи на таков начин не само што ќе се исполнат препораките на ЕК туку и ќе се овозможи подобар живот на граѓаните, рече тој.

Роза Топузова – Каревска смета дека иако е направено доста во реализација препораките останува уште многу, а најважно од се, како што рече, е да се преземат системски мерки и решенија со кои ќе се овозможи подобар животен стандард на граѓаните, заштита од дискриминација, а не, како што рече, тоа да се прави со еднократни мерки како отписот на долговите.

Ова е потребно, рече таа, за никој да не биде зависен од милоста на која било влада, премиер, министер, туку граѓаните да бидат во можност сами да обезбедат достоинствена егзистенција.

Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа Комисија направила многу особено, како што рече, за донесување законски решенија со кои им се помогнало на многу луѓе.

Мислам, рече тој, дека добро ја изменаџиравме кризата, иако најранливите категории, како и секаде во светот најмногу ја почувствуваа и покрај сите напори таа да се амортизира.

– Секако дека треба уште да се работи, и да се работи на долгорочни решенија, а ние тоа го правиме преку зголемување на вработеноста, активни мерки за вработување, мерките за социјално ранливите категории, зголемување на социјална помош и на платите, привлекување странски институции…, рече тој.

Оваа Листа на итни реформски приоритети денеска беше разгледувана и на собраниската Комисија за економски прашања, а треба да се најде и на дневен ред на други собраниски тела.