Препораки за заштита од пожари

Претставници на МВР, на Дирекцијата за заштита и спасување, на Територијалната противпожарна единица и на Центарот за управување со кризи деновиве одржаа работна средба во просториите на СВР Велес, пренесе МИА.

Како што изјави денеска за медиумите портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска на средбата било разговарано за неопходните мерки за намалување на опасноста од настанување на шумски и други пожари на отворен простор.

Стојковска информира дека присутните на средбата предложиле засилени мерки и активности на превенција и рано предупредување за заштита на шумите, парковите, пасиштата, голините и други отворени простори од пожари.

– Потребно е да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи, пасишта и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење на отпад и друг материјал што гори, да не се фрлаат отпушоци, да не се напушта огништето додека не се уверите дека огнот е потполно изгаснат. Воедно предлагаат да се отстрани запаливата вегетација покрај јавните сообраќајници, да не се дозволува децата да си играат со запалки, пламен и жар. Доколку граѓаните оценат дека пожарот е мал и безбедно можат да го гаснат, да го сторат тоа со прирачни средства, а во спротивно да се оддалечат на безбедно растојание, рече Стојковска.

Со ова, како што додаде, граѓаните ја исполнуваат својата граѓанска должност и придонесувате кон заштита на шумите од пожари ова лето.