„Прес 24“: Се формира трет блок за изборите на 11 декември

Павле Трајанов заедно со Јове Кекеновски во „Коалицијата за промени и правда“ самостојно ќе настапат на изборите закажани за 11 декември, пишува „Прес 24“

Лидерот на Демократскиот сојуз оваа информација и официјално ја потврди за „Прес 24“.

„Веќе имаме договор со ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, и уште некои невладини организации како ДЕМОС но и МРО Работничка Партија. Во преговори сме со голем број помали политички субјекти за заеднички настап и формирање на трет политички блок. Дефинитивно нема да одиме во предизборна коалиција со блоковите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и за тоа до сега воопшто не сме разговарале.“ – вели Трајанов

Според неофицијалните информации, во блокот се чува место и за ДОМ на Лиле Поповска иако преговорите со неа се’ уште не се завршени.

На големо се разговара и со партијата на Љубчо Георгиевски ВМРО-НП. Информациите вчера и официјално во дебатна емисија на ТВ21 ги потврди Слободан Близнаковски.

„Се поставува прашањето како ќе ги привлечете оние разочараните од десницата кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ сега да гласаат за вас и при тоа гласовите да не одат во неповрат? Битно е да се знае дека разочараните членови на ВМРО-ДПМНЕ многу побрзо и полесно ќе гласаат за нас отколку за левицата, да речеме“, изјави Слободан Близнаковски – ВМРО-НП.

Од партиите кои за себе велат дека пропагираат десничарска политика, во левичарскиот блок место си бараат Обединети за Македонија на Љубе Бошковски иако извесно е дека нема да добијат пратеничко место на добитна позиција на кандидатските листи.

„Се надевам дека ќе се донесе одлука или да се оди со широк опозициски фронт или да се оди со опозицискиот фронт што го предводи СДСМ“, изјави за ТВ21  Марјан Огњановски од Обединети за Македонија.

Останува отворено прашањето каде ќе се позиционира Достоинство на Стојанче Ангелов.

Во левичарскиот блок, конечна одлука нема од новата партија Левица иако се очекува и тие да бараат место на листите на Заев и СДСМ.

Неизвесно е како ќе се позиционира и Либералната партија на Ивон Вличковски. Постојат најави дека партијата може самостојно да бара доверба од граѓаните, иако не се исклучува можноста да се смести во некоја од коалициите.

Во блокот на СДСМ дефинитивно остануваат Тито Петковски со НСДП и Горан Милевски со ЛДП, иако повеќе од извесно е дека значително ќе се намали бројот на пратеници на сигурни позиции кои Заев ќе им ги даде на 11 декември.  Ваквиот развој на настаните се должи пред се на фактот дека 5 до 6 сигурни места ќе добијат луѓето од Шарената револуција, што ќе значи дека најмалку 3 до 4 места кои беа резервирани за НСДП и ЛДП веќе добија „шарена резервација“

Во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема посериозни промени, откако Демократскиот сојуз и ДОМ си заминаа од „црвеното јато“.