Пресечен меѓународен нарко канал, запленети 144 килограми марихуана

Полицијата пресече меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана од Албанија преку и Македонија до Швајцарија. При реализација на случајот на недозволена трговија со марихуана запленети се 143,726 килограми марихуана  и околу 700 грама непозната прашкаста материја во кафеава боја која служи за мешање со хероин.

Во акцијата на МВР приведени се шест лица кои се македонски државјани, а додека пак едно лице сеуште не и е достапно на полицијата.

Според официјални информации, вчера околу 17 часот МВР спроведе акција во реонот на населба Ченто и с.Арачиново, Скопје.

По претходно добиени информации, полициските службеници на ул.„Алија Авдовиќ“ во населба Ченто сопреле две патнички возила, кои биле управувани од двајца скопјани на возраст од 30 и 37 години. По извршениот претрес во возилото на 37 годишното лице, од марка Голф, биле пронајдени 65 паковки марихуана, а додека пак, во возилото од марката Мерцедес, биле пронајдени 33 паковки марихуана.

Пронајдените 98 пакувања исполнети со марихуана биле одземени со потврда, а лицата се лишен од слобода.

По извршеното вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога-марихуана со вкупна тежина од 143 килограми и 726 грама. Запленетата марихуана при продажба на нарко пазарот во Швајцарија би достигнала цена од околу 600.000 евра.

Според досегашните сознанија двете лица се дел од поголема криминална група, инволвирана во извршување на криминални активности од областа на недозволената трговија со марихуана и хероин. Членовите на криминалната група биле предмет на криминалистичка обработка со цел утврдување на криминалните активности. Во рамките на криминалистичката обработка добиена е наредба за претрес на нивните домови, како и на уште две лица на возраст од 40 и 53 години. При извршениот претрес на домот на 40 годишното лице, пронајдена е една полиетиленска кеса со натпис TIP TAP-CALZATURE, во која била сместена помала полиетиленска кеса исполнета со прашкаста материја кафеава боја со вкупна тежина од околу 700 грама. Прашкастата материја е одземена со потврда за привремено одземени предмети и истата е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење. По извршеното вештачење утврдено е дека се работи за материја која служи за мешање со хероин.

При вршење на претресот на дом на второто лице утврдено е дека истиот неовластено се приклучил на електричната мрежа пред електричното броило, со што е утврдено дека постои основано сомнение дека истиот исвршил кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ казниво по чл.235а од Кривичен законик на РМ.

Во акцијата, како членови на организирана криминална група од слобода се лишени вкупно четири лица од с.Арачиново, Скопје, додека петтиот сеуште не е достапен за органите на прогонот и потрагата продолужва за истиот.

МВР на РМ во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со преземање на мерки и активности за целосно расчистување и документирање на случајот, по што од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против шест лица од Скопје, за сторено кривичното дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на Р. Македонија. Исто така, ќе биде поднесена и кривична пријава до ОЈО Скопје против едно од лицата и за сторено кривичното дело – “кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ казниво по чл.235а од Кривичен законик на Р.Македонија.