Прессе: „Трагите“ од нападот на турскиот аеродром водат до Виена

Зад нападот на истанбулскиот аеродром „Ататурк“ во вторникот вечерта, при што загинаа 42 лица, а над 230 беа ранети, би можел да стои Чеченецот Ахмед Чатаев, кој од 2003 година живее во Австрија и има статус на азилант, тврди виенскиот весник „Пресе“, а пренесува МИА.

Според весникот, Чатаев во 2012 година заминал за Сирија, каде се борел во редовите на џихадистите.

Портпаролот на австриското Министерство за внатрешни работи, Карл-Хајнц Грундбек во изјава за „Пресе“ тврди дека веќе биле контактирани од страна на турските власти во врска со сомнежите околу поврзаноста на Чатаев со нападот.

Весникот наведува дека во податоците на австриската полиција Чатаев е заведен како „странски борец“, однсно како лице кое им се приклучило на исламските екстремисити во борбите во Сирија.

Чатаев кон крајот на 90-те години на минатиот век учествувал во борбите во Чеченија, каде ја загубил едната рака, по што бил заробен од руските сили. По неколку години побегнал во Австрија, каде добил азил врз основа на тврдењето дека бил изложен на измачување во Русија.

„Едноракиот Чатаев“ последен пат бил виден во пограничниот регион меѓу Сирија и Турција, додава „Пресе“.

Името на Чатаев се споменуваше и како организатор на нападот во Анкара лани во октомври, а сеге турските медиуми го поврзуваат и со маскакрот на „Ататурк“

Според турските медиуми, групата со која раководел Чатаев на 25 мај допатувала во Турција, каде изнајмила станови во кои бил планиран и подготвуван нападот на аеродромот.

Инаку, како што наведува „Пресе“, над половина од исламистите кои од Австрија заминале во Сирија за да се борат на страната на џихадистите, се со чеченско потекло.