Пресудата на Управниот суд е незаконска – преку измислени неправилности се прави обид за изборна кражба

Управниот суд ја уважи тужбата што ја поднесе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија против решението на Државната изборна комисија, со што се поништува гласањето на избирачкото место 2011 во Општината Теарце, во шестата изборна единица. Според одлуката на судот гласањето во ова избирачко место се поништува, бидејќи, одлуката на ДИК е донесена спротивно на Изборниот законик со 4 гласа „за“ четири „против“ и еден отсутен. Управен вели дека не е дозволено гласање со „воздржан“ и оти е недозволиво да недостасува записник.

Правните експерти велат дека ваквата одлука на Управниот суд е незаконска. Како причини за незаконитоста го посочуваат тоа што судот расправал по тужба против решение донесено од ДИК надвор од законски утврдениот рок.

„Пресудата на Управниот суд е незаконска. Првата незаконитост е што Судот воопшто се впуштил во материјална расправа по тужбата на СДСМ поднесена против решението на ДИК кое е донесено надвор од законски утврдениот рок од 48 часа кој е преклузивен и по чие истекување не можат да се преземаат дејствија и да се носат одлуки затоа што истите се сметаат за ништовни“, посочува универзитетската професорка проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска за Нетпрес.

Втората незаконитост, како што појаснува универзитетската професорка,  се наоѓа во делот на пресудата каде што се вели дека решението на ДИК е незаконито, бидејќи е донесено спротивно на член 10, став 2, точка 34(б) и (в) од Законот за измени и дополнувања на Изборниот законик, затоа што еден член на ДИК се изземал од гласањето што не е дозволено во Законикот.

„Според Судот изјаснувањето на член на ДИК со воздржан ќе се смета за изјаснување „против“ само ако лично е искажано на седница на Комисијата. Во овој дел, ако Судот цени дека ДИК донел незаконско решение, тогаш Судот имал надлежност само да го поништи незаконското решение на ДИК, а не како што одлучил во пресудата да го поништи гласањето на гласачкото место бр. 2011 во општина Теарце. Со оглед дека Управниот суд погрешно и незаконски го применил материјалното право, и погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба се смета дека Управниот суд излегол од законските овластувања при одлучувањето“, вели Каракамишева-Јовановска.

tanja-karakamiseva

Според неа, во случај на вакво незаконско одлучување на Управниот суд, може да се искористи уставно-загарантираното право на жалба.

„Во вакви околности кога во работата на Управниот суд се согледува незаконитост во постапувањето мора да се повикаме на уставно-загарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Со оглед дека станува збор за незаконско одлучување на Управниот суд можно е да се поведе постапка за заштита на правата и правниот интерес пред Вишиот управен суд, но и барање за заштита на законитоста пред Врховниот суд на Република Македонија, потенцира универзитетската професорка.

Дури и покрај незаконитостите, и евентуалното прегласување на избирачкото место 2011 во Теарце, според експертите ешко би можело да го промени изборниот резултат и сметаат дека ова е обид за кражба на изборите преку измислени неправилности и фалсификување на јасно изразената волја на граѓаните.

„Сметам дека прегласувањето кое треба да се одржи на едно избирачко место, според прифатената тужба од СДСМ од страна на Управниот суд, во конкретниов случај во избирачко место во Теарце во ништо нема да го промени финалниот исход кој го освоија политичките партии на изборите на 11 декември. Се работи за избирачко место каде што сите политички партии имаат свои поддржувачи и свои стандардни гласови. За да се случи било каква промена во освоените мандати во шестата изборна единица хипотетички би требало сите гласачи да гласаат само за СДСМ, со што би освоиле 400 гласа и би успеале да го променат изборниот резултат. Таква можност се исклучува бидејќи на 11 декември СДСМ освои помалку гласови од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ т.е. околу 80 гласови“, вели универзитетската професорка Иванка Додовска.

dodovska

Веднаш по објавувањето на одлуките од Управен, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека дека остануваат на ставот изнесен во прогласот на Извршниот комитет на партијата дека нема да учествуваат на прегласување и нема да ги признаат резултатите. Според нив одлуката на Управниот суд е противправна и скандалозна, водена од политички мотиви и донесена под притисок од СДСМ.

„СДСМ и нивните налогодавачи срамно продолжуваат со обидот за кражба на кристално чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори. Судиите од Управниот суд кои гласаа за уважување на тужбата на СДСМ донесоа противправна одлука водена од политички мотиви. Притисоците врз Судот кои се случуваа од СДСМ, медиумите блиски до СДСМ, како и некои други фактори однадвор, вродија со плод да доведе до скандалозен правен преседан кој говори за политичка мотивираност во одлучувањето, наместо водење според правни факти и докази“,истакна Никола Тодоров на синоќешната прес-конференција.

Според него, од најголемите докази за противправното одлучување на судиите кои одлучуваа за оваа тужба е фактот што, нестандардно за судската пракса, во одбразложението од одлуката не се наведени конкретните законски причини и основи заради кои се носи оваа одлука, туку е наведена една општа формулација која е несвојствена, нетипична и која отстапува од правните стандарди, а тоа е дека се случувале низа неправилности- кои се тие неправилности, за какво тип неправилности станува збор, тоа воопшто не е содржано во образложението на пресудата.

“Ова е дел од поголемото сценарио чија цел е поништување на волјата на граѓаните и постизборен инженеринг за фалсификување на волјата на граѓаните и за фалсификување на изборите на кој мнозинството од 455 илјади граѓани гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Ќе потсетам, сето ова започна со противправните одлуки кои ги донесе Државната изборна комисија за да подоцна целиот овој инженеринг се префрли на Управниот суд“, додаде Тододорв.

Едноставна е математиката, рече тој, СДСМ на ова гласачко место може да ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ, само и исклучиво преку овој таканаречен изборен инжинеринг за што ќе се таргетираат точно определен број на гласачи преку кој СДСМ ќе се обиде да ја фалсификува волја на сите граѓани која беше дадена на легитимни фер и демократски избори кои се одржаа на 11-ти декември.