Пресудата од Стразбур потврди: Ивановски соработувал со службите

И по одлуката на Европскиот суд за човекови права останува фактот дека Трендафил Ивановски соработувал со тајните полициски служби, она што беше докажано од наша страна и потврдено низ судските постапки, оцени Томе Аџиев, претседател на државната Kомисија за лустрација.

Аџиев реагира на завчерашната одлука на овој Суд кој пресудил дека во случајот на лустрираниот претседател на Уставниот суд постоела повреда на членовите 6 и 8 од Европската конвенција за човекови права. Односно, дека бил лустрирани на начин што не му било почитувано правото на правично судење и му била направена повреда на честа, угледот и на достоинството.

Аџиев потсетува дека дури и Ивановски во својата претставка до судот во Стразбур воопшто не го оспорил фактот што Kомисијата претходно го утврдила, дека соработувал со тајните полициски служби.

-Значи, Судот во Стразбур воопшто не ги укина нашите одлуки и подоцнежни пресуди и тие си остануваат. Неговиот пример е типичен и школски случај за тоа како некое лице соработувало со тајните полициски служби заради што е и лустриран според тогаш важечкиот закон. Тој бил соработник дваесетина години и за што примал паричен надомест. Тоа се факти што остануваат и по оваа одлука – наведува Аџиев.

Познато е, Ивановски беше лустриран во 2010 година како тогашен претседател на Уставниот суд, со едногласна одлука на лустраторите.  Одлуката на Kомисијата подоцна беше потврдена од страна на надлежните судски органи по што тој повел постапка пред Судот во Стразбур, каде ги оспорил осум работи врзани за неговиот случај. Од нив, судиите му дале за право за две. Во првиот случај немало глобално почитување на правото за правично судење, а за што како доказ е приложено тогашното писмо на македонски премиер во кое го обвинил Ивановски дека бил соработник на полицијата. Се наведува и тоа дека Европската комисија за РМ во својот преоден извештај оценила дека случајот на Ивановски предизвикал „загриженост за извршените притисоци за независноста на судските власти“.

– Никакви притисоци тогаш немаше за овој случај и с` беше јавно. Не може тогашен став на еден политичар да се смета за притисок врз Kомисијата и врз судот – наведува Аџиев.

Ванковска: Европскиот суд не го оспори фактот дека Ивановски бил соработник

Во однос на пресудата која се однесуваше на жалбата на Трендафил Ивановски, Ванковска смета дека Томе Аџиев е во право кога вели дека ЕСЧП не го оспорил фактот дека Трендафил Ивановски бил соработник, туку дека пресудата ја донел поради тоа што не добил правично судење.

-Судот не навлегува во материјална расправа околу основата по која е лустриран Ивановски, туку ги проценил процедуралните аспекти. Постапката за лустрација беше заснована на неуставен закон (кој не гарантираше ниту презумпција на невиност, ниту право на жалба), па оттука и пресудата на Судот е очекувана и правична, напиша Ванковска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.