Претепани шумски полицајци во Прилеп

Претепани шумски полицајци во Прилеп. Толпа граѓани пресретанала и претепала тројца шумски полицајци. Како што соопштува МВР, инцидентот се случил вчера околу 18,00 часот во Прилеп.

Лицата Р.М., М.К. и Г.С. вработени во шумска полиција во МЗШВ „Шумска Полиција“- Прилеп при извршување работни задачи со патничко моторно возило „Лада Нива“ со прилепски регистерски ознаки, свртуваќи од ул.„Тризла“ по ул.„Гостиварска“, биле пресретнати од поголема група граѓани, при што едно од лицата со метална шипка ја оштетило хаубата и го скршило предното ветробранско стакло. Друго лице со тврд предмет го искршило задното лево стакло од возилото.

По ова шумските полицајци излегле од возилото.

Во нападот, двајца шумски полицајци биле турнати од толпата и биле погодени со шишиња во пределот на главата, а третиот бил нападнат од толпата, по што останал да лежи на тротоарот.

Откако се разбегала толпата, повредениот полицаец бил префрлен во градската болница во Прилеп, каде му е констатирана повреда нагмечување на носот.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите.