Претепаниот возач на Брза помош: Возев по повик за кома, а ме натепаа речиси до бессознание

Возејќи ја лекарската екипа на повик за пациент во кома, за малку и јас ќе завршев во кома или можеби уште пострашно. Едвај спасив жива глава, ова е нешто невидено што ми се случи – ќе ме утепаа со метална шипка по глава да не ја кренев раката и така успеав барем малку да се заштитам, но притоа ми ја скршија раката, раскажува за „Дневник“ тешко повредениот возач на скопската брза помош Д.Т, кој итајќи да укаже итна помош на улицата Марко Орешковиќ 66, и самиот станал итен случај, и тоа само неколку минути пред Новата 2014 година да стаса.

Со дренови на подлактницата, кои ја чистеа свежо оперираната рана на десната рака, со три конци на главата и приклучен на инфузија, возачот, се’ уште потресен, и вчера напладне закрепнуваше на Kлиниката за трауматологија.

Тој се сеќава на инцидентот, кој за овие 31 година, колку што работи во Службата за итна медицинска помош, не му се случил.

„Возејќи кон посочената адреса во Kисела Вода, првин наидовме на толпа луѓе, меѓу кои имаше дете, а веќе имаше и полиција и јас прашав: ’Треба ли помош?’ Но ми рекоа дека не треба и продолживме уште 50-ина метри по улицата Марко Орешковиќ. Видов дека сме на бројот 74 и помислив дека малку подолу е и куќата број 66, со повик за пациент во кома, кога слушнав удар од назад. Помислив да не удривме во друго возило, но кога излегов надвор, видов искршено стакло на задната врата. Се свртев кога замавнаа и по мене со метална шипка. Среќа што успеав да ја кренам раката и ја заштитив главата, инаку којзнае каков удар ќе добиев… Тогаш се затетеравив, малку изгубив свест и сум паднал, а кога се освестив, видов дека четворица помлади лица, кои беа облечени во црни јакни, бегаат“, раскажува 52-годишниот Д.Т., кој сака да остане анонимен. Вчера до него беа неговата ќерка и близок роднина.

Тој тврди дека ништо не успеал ниту да им каже на лицата што го нападнале ниту на кој било начин ги навредил. По инцидентот, во кој е повредена и медицинската сестра која излегла да му помогне возачот, при што го повредила лигаментот на ногата, иако со скршена рака и со удар во главата, од кој доживеал и потрес на мозокот, решил самиот да продолжи да вози до Ургентниот центар.

„Kога стасавме, солзи ми течеа од болка и само што влеговме во Ургентниот центар, колабирав! Не знам што е ова и зошто се случува некој да нападне екипа која оди да укаже брза помош на друг граѓанин, а ова е трет напад во декември на наша екипа. Ги ризикуваме секој ден животите возејќи ги возилата на брзата помош, тоа ни е работа, но не можам сЕ` уште да се ’освестам’ како некој може и да помисли да нападне без никаква причина возач на оваа служба“, вели Д.Т.

Иако со скршена рака, не можело веднаш да го оперираат зашто не бил во стабилна здравствена состојба, а крвниот притисок по приемот изнесувал 60 со 40 мм/ХГ.

Возачот го оперирал д-р Игор Мерџановски, трауматолог на клиниката, при што му е вградена и плочка на надлактницата, а како што појаснува Д.Т., при интервенцијата од раката му биле отстранети три парчиња скршена коска.

„Во СВР Скопје минатиот месец нема пријавено ниту еден случај за нападнат возач на возило на брзата помош. Единствен случај минатата година бил пријавен во март кога насилници нападнале возач на брза помош“, велат од МВР, за весникот.

Управничката на скопската брза помош, д-р Маја Поповска, е категорична дека ова никако не смее да се случи повторно. 

„Ова никако не смее да се случи – да се нападне екипа која 24 часа секој ден укажува итна помош на болни и повредени граѓани и која ги ризикува своите животи за да спаси туѓ живот! И во други ситуации некогаш имало агресија кон нашите екипи, но ова е првпат вака брутално да бидат нападнати и да добијат тешки телесни повреди. Побаравме с` што треба, случаите се во постапка, а таму каде што екипата ќе оцени дека е неопходно, во иднина ќе бараме и полициска асистенција кога одиме на терен“, нагласува Поповска, за весникот.