Со претприемништво ќе се зајакнува руралната жена

претприемништво

Како што беше речено, предрасудите дека жената треба да седи дома и да се грижи за семејството полека изумираат.

– Мажот денес ја разбира жената. И за него е добредојдено кога жената партиципира со финансии во буџетот на семејството. Во бизнисот сум веќе 20 години. Почнав во Италија, а се вратив во земјава пред 13 години. На почеток беше поскептично, дека жената не може да одговори на предизвикот, имаше бариери, но денес веќе не е така, истакна Гзиме Фејзи, сопственик на фабрика за производство на сирење и други млечни производи и воедно претседател на Групацијата на бизнис жени при Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) која ја организира конференцијата.

Според Фејзи, жени претприемачи во Македонија има речиси во сите сектори, но најмногу во делот на малите бизниси како што се шивачки, фризерки,.. но има и доволен број кои умеат да управуваат и со средни и со големи бизниси.

– Ниту една жена не треба да го напушти својот потенцијал, да ги остави идеите и желбите на маргините од минатото, туку треба подобро да ги искористи без оглед дали доаѓа од рурална или урбана средина, нагласи Фејзи.

На конференцијата беше потенцирано дека женското претприемништво е важно не само за благосостојбата на поединците, семејствата и општеството, туку и за продуктивноста и економската стабилност на земјата.

Токму поради ова, СКСЗМ, напомена претседателот Неби Хоџа, во својата стратегија за 2016-2019 година во фокусот го стави и промовирањето на женското претприемништво.

– Постојано се обидуваме да го намалиме јазот што се уште постои меѓу жените и финансиските ресурси, меѓу потенцијалот на жените и улогата која се очекува од нивна страна во општеството, преку преземање нови иницијативи и промовирање на прашањето за зајакнување на жените, подвлече Хоџа.

За важноста на образованието како можност за развој на претприемачките вештини зборуваше деканот на Економскиот факултет при Универзитетот на ЈИЕ Изет Зекири, а за родовата рамноправност во креирањето политики и донесувањето одлуки Беса Кадриу од Факултетот за јавна администрација и политички науки.

На конференцијата учествуваа претставници од бизнис секторот, невладини организации, институции и студенти.