ПРЕТСЕДАТЕЛ – Kој е следниот и кој мислам дека треба да биде

Си го задржувам правото на слободно мислење, мој личен став базиран на мое и само мое мислење, да бидам крајно необјективен, но и да се образложам, колку-толку. Немам намера да се занимавам со аналитика, ниту сум ниту сакам да бидам тоа, но за жал, често, мојата интуиција излегува дека сум во право… но, сакам да грешам… еве зошто, се ми е во глава дека Протугалија ќе ја гледам во полу или четврт финале, а немам ама ниеден добар збор за нив освен за срцката Кики. Нејсе…

Историјата ќе покаже кој бил и што направил претседателот Ѓеорге Иванов за оваа земја. Неговата дипломатска дејност заедно со киломатражата која ја помина и со кои се’ претседатели се сретнал, каде се’ одржал предавања, станал почесен професор, граѓанин и надвор од протоколот најголемите лидери се задржувале во повеќечасовни средби со него е поголема одошто на сите досегашни претседатели заедно, кои пак немаат ниедна почесна диплома и почесни докторати (дали занете колку има добиено). Покојниот колега Никола Младенов го сматаше Иванов за најголем интелектуалец во неговата струка и го почитуваше неизмерно. За жал, сите паднаа во бедната пропаганда на аналаната шарена контрадемократија и ретко кој го согледува со вистински очи неговиот придонес. Неговиот мандат завршува наскоро, дали на време или пред време е помалку битно. Одлучил како ќе постапува и решен да сноси последици за тие потези, а историјата ќе покаже дали и колку бил во право. За мене останува најдобриот претседател досега и таа оценка е донесена далеку пред шарената револуција.

Многу налудничави работи ни се случија годиниве и никогаш, смениле име или не, никогаш, ама никогаш нема да биде исто. Целиот мисловен тек е променет, извитоперен, а како врв се смета „хејтањето“ кое едните го правдаат со патриотизам, другите со демократско одење напред. И едното и другото е само нус појава на трауматизиран ум, а бевме истрауматизирани сите – и од двете страни. Има една дека кога имаш стрес е најдобро да правиш нешто што ќе те дефокусира, релаксира… за медитација време немаш, ама шопингот и одмор надвор од местото на живеење…

Иако Иванов беше добар пример за интелектуалец како треба да си ја брани историјата, нацијата, културата и цивилизациските придобивки, се прашувам што после него, оти или импичемнт или нов претседател набрзо ќе имаме во било кој случај. Дали и следниот треба да ни е некој од таков калибар?

Не!

Прво затоа што и нема сличен на него кој може да биде тоа што е и да го работи она што му е уставна обрвска.

Тогаш каков?

Па, како на почетокот што кажав, нам ни треба наша верзија на Трамп. Да, сметам дека најпозитивна личност за иден претседател на Македонија трееба да биде Орце Камчев, (Анѓушев за жал си пропушти шанса, толку му е капацитетот, а ќе образложам колку-толку). Знам дека е тешко остварливо бидејќи Македонецот мрази богати и успешни луѓе, оти му се грдо огледало на сопствениот неуспех, па затоа секој успешен го смета за нечесен – смешки, ама такви сме, не дека успешните кај нас се сите чесни, далеку, но ни чесните не ги почитуваме – факт! Земјите се тепаат такви луѓе да влезат во лидерство на земјата… Но, практичната страна затоа што ова го пишувам ми е најважна…

Орце Камечв е еден од најбогатите луѓе во регионов, и се што заработил не е наследство од транзиција туку од водење бизнис и успешно менаџирање. Никому не останал должен, а има и премногу емпатија да се бори за работи за кои и немало надеж. Помагал и на ситно и поединечно и на големо. Например, пред 6 години ми се јави во емисија жена која 7 години молела за било каква работа. По емисијата ми се јавија од неговата компанија, по негов налог оти ја гледал емисијата, побараа број, ја викнаа на разговор и и’ даде работа, а мене ме замолија ни да „зуцнам“ за тоа, но помина доста време и сметам дека треба да кажам. Потоа неговите лични контакти со скоро сите фактори од меѓународната дипломатија и бизнис заедница кај нас, но и со луѓе во врвот на државите преку заедничкиот именител – бизнис и економија. Затоа сметам дека менаџер од ваков калибар, кој е интуитивен бизнисмен од највисок ранг и кој проблематиката ја решава органски и интуитивно базирано на искуства, нему мозокот му работи 200 на саат. Таков беше татко ми, затоа го препознавам овој човек – street smart!

Да, мене Орце ми е пандан на Трамп, со тоа што oвој нашиот е со малку поголема емпатија. Секако дека го мразат, особено оние кои не успеале да измузат пари од него или оние кои музеле па им пресушил изворот. Зборам за „цицачи“, за политичари, новинари, портали, партии, кои се гребат од него. Нејсе. Јас не знам ни политичар, а камо ли друг интелектуалец, а уште помалку бизнизмен кој бил на Ти со премиер на Британија, Италија и има лични контакти со нив, но и со многу други … Видете, тезата ми е дека и онака корисен, доволно е млад и има трамповски пристап, а мислам дека откако се’ ова ќе слегне, (а мора да слегне по закон на термодинамика), нам таков човек ќе ни треба. Јас немам релација со него веќе подолго време, ниту корист од него, ниту овој текст е некаква нарачка или пробен балон, да не си дувате шарени балони, едноставно јас сум хаотичен и што на ум – тоа на колумна, а ова ми дојде периодов, па сивупле!

Ако ништо друго, јас не знам човек кој во оваа земја изградил мост на Вардар со свои пари!

… а сега – хејтајте ме!