Претседателите на Ерменија и Азербејџан договорија примирје

Претседателите на Ерменија и Азербејџан, Серж Саргсјан и Илхам Алиев разговараа синоќа во Виена околу конфликтот во регионот Нагорно-Карабах.

На состанокот присуствувале и шефовите на дипломатиите на Русија, Сергеј Лавров, на САД Џон Кери, како и државниот секретар за европски прашања на Франција, Харлем Дезир.

На средбата е потенциран ставот дека конфликтот не може да се реши по воен пат, се наведува во соопштението на ОБСЕ, додавајќи дека Минск групата инсистира на почитување на договорот за примирје.

Ерменскиот и азербејџанскиот претседател изразија поддршка за примирјето и мирно решавање на конфликтот.

За да се намали ризикот за натамошно насилство тие договорија итен прекин на огнот. Претседателите договориле и проширување на постоечката канцеларија на претставникот на претседавачот на ОБСЕ, а исто така и размена на податоци за исчезнатите лица под покровителство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Двајцата претседатели прифатија и продолжување на преговорите следниот месец, на место кое ќе биде дополнително договорено, со цел да се продолжат разговорите за компромисно решение.

Шефот на германската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Франк-Валтер Штајнмаер истакна дека колку подолго трае конфликтот доаѓа до се поголемо вооружување, а со тоа и до поголем ризик од нова ескалација, па и војна меѓу двете земји.

Саргасјан и Алиев последен пат се сретнаа во август 2014 година во Сочи, а Русија како регионална сила на Кавказот повторно покрена иницијатива да се вртатат на преговарачка маса двајцата претседатели, овој пат во Виена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.