Претседателот Иванов ги прими новите амбасадори на Данска и Алжир

Денес претседателот Ѓорге Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори во Република Македонија на Кралството Данска со седиште во Виена, Лиселоте Плеснер, и на Народна Демократска Република Алжир со седиште во Букурешт, Таоус Џелули.

На средбата со новоименуваниот дански амбасадор Плеснер, Иванов изразил задоволство од успешниот развој на македонско-данските односи и од плодната соработка во разни области од заемен интерес, како и очекување од натамошно интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете земји.

– Нашите стратешки определби се поврзани со што поскоро зачленување во Северноатлантската алијанса и во Европската унија. Остануваме силно посветени во исполнувањето на нашиот дел од обврските за просперитетна Европа. Сигурен сум дека европската и евроатлантската интеграциска определба и во иднина ќе претставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Македонија и Кралството Данска, подвлекол претседателот Иванов дополнувајќи дека Република Македонија ги негува истите европски вредности како и Кралството Данска.

Данската амбасадорка Плеснер, порачала дека нашите две држави, мали по големина, ги споделуваат вредностите и интересите во Европа, која што има корист од зголемена соработка и изразила уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе ги одржи и дополнително ќе ги зајакне одличните релации меѓу Република Македонија и Кралството Данска.

– Трговската размена меѓу двете земји заостанува од објективниот потенцијал, но јас верувам дека Вашиот позитивен развој кон членството во ЕУ ќе придонесе за подобрување на оваа состојба. Нашите две држави можат да се потпрат на своите традиции во трговијата и талентот за бизнис, изјавил данскиот амбасадор, изразувајќи надеж за што поскоро зачленување на Република Македонија во евроатлантското семејство.

На средбата со новоименуваната амбасадорка на Алжир, Џелули, претседателот Иванов, истакна лдека во основата на односите меѓу двете земји постои дух на пријателство и меѓусебно разбирање, заедничка желба за нивно поинтензивно развивање како и за унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

ivanov2

– Со oглед на фактот што постигнатата соработка меѓу двете земји во изминатиот период е далеку под објективните можности и потребите на двете земји, би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за јакнење на економската соработка, порачал македонскиот претседател во поздравното обраќање.

Алжирската амбасадорка Џелули, ја истакнала нејзината амбиција за развивање на врските на пријателство и соработка меѓу две земји кои нудат многубројни можности за искористување, и додаде дека за неа е голема чест што ќе биде амбасадор на Алжир во Република Македонија, земја чиј горд народ се соочил со бројни предизвици во текот на неговата историја.

– Нашите две нации поминаа низ тешки периоди кои, за среќа, успеаја да ги надминат. Остануваме соочени со голем број предизвици и закани, но имаме волја и определба да ги надминеме преку дијалог и соработка. Во таа смисла, одблиску ги следиме напорите кои ги правите за напредок и мир, особено во регионот на Балканот, порачал алжирскиот амбасадор.

Претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посакал успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.