Претседателот Иванов ги прими новоименуваните амбасадори на Германија и Израел

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Државата Израел за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Сојузна Република Гермнанија, Н.Е. д-р Кристине Алтхаузер, претседателот Иванов, истакна дека Македонско-германските односи ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна динамика во соработката во повеќе области, и додаде дека очекува натамошно интензивирање на соработката и поддршката, во однос на нашите евроатлански интеграции.

– За нас од особено значење е поддршката и помошта од Сојузна Република Германија за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската унија. Република Македонија и нејзините граѓани, решително и одлучно работат на реализацијата на овие цели. Тоа се цели кои во голема мера придонесоа за трансформација на нашето општество преку исполнувањето на евроатлантските стандарди и критериуми. Тоа се цели кои имаат кохезивна моќ во нашето мултиетничко општество, поради што уживаат апсолутна политичка, социјална и меѓуетничка поддршка. Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза за интеграцијата во ЕУ”, порача претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Македонскиот претседател го нагласи интересот на Република Македонија за натамошно интензивирање на соработката со Сојузна Република Германија во сферата на економијата, и во сите останати области од заемен интерес, и изрази уверување дека мерките и активностите, што ги презема Владата за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима, успешно ќе придонесат за натамошно унапредување на односите на овие полиња.

Новоименуваниот амбасадор д-р Кристине Алтхаузер, истакна дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на односите помеѓу двете земји, како и за унапредување на евроатланската интеграција на Република Македонија.

– Во Скопје постои претставништво на германското стопанство. Германско-македонското стопанско здружение брои 170 фирми членки. Разновидноста и богатството во сите области на Германско-македонските односи се резултат на ангажманот на многу луѓе во нашите две земји, што за мене претставува поттик а воедно и предизвик. Уверена сум дека овој ангажман е важен составен дел на нашите заеднички напори европската перспектива да стане реалност не само за македонското население туку и за целиот регион”, порача амбасадор Алтхаузер.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Државата Израел, Н.Е. г. Дан Орјан, претседателот Иванов изрази задоволство од цврстата поддршка што Државата Израел ѝ ја дава на Република Македонија во изминатиот период од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање економската соработка со цел унапредување на вкупните Македонско-израелски релации.

– Иако изминатиов период евидентен е зголемениот интензитет на соработка, би сакал да констатирам дека постојат можности за нејзино унапредување во сите сфери од заеднички интерес, имајќи предвид дека Израел претставува високо развиена водечка светска нација во областа на науката, технологијата, културата и во други области”, истакна македонскиот претседател.

Новиот израелски Амбасадор Орјан изрази надеж дека за време на неговиот мандат ќе придонесе за развојот и зацврстувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, кои наредната година ќе прослават јубилеј – 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

– Ние високо ги цениме напорите на Вашите државни институции во подигнувањето на квалитетот на животот и на образованието, на Еврејската заедница во Република Македонија, во минатото и денес”, потенцираше израелскиот амбасадор во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма, и додаде дека Државата Израел и посакува успех на Република Македонија и во нејзините аспирации да стане земја-членка на Европската унија и на НАТО.

Претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста