Претседателот Иванов го честита Денот на светите браќа Кирил и Методиј

Претседателот Ѓорѓе Иванов упати честитка по повод 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Тој во честитката на сите граѓани им посака добро здравје, благосостојба и радосни празнични мигови.

„24 Мај е голем празник бидејќи ги слави светите браќа Кирил и Методиј, кои својот живот го посветија на ширењето на христијанската вера на нашите простори преку својата мисионерска, учителска и просветителска улога. Преку својот ангажман како основоположници на словенската писменост и култура, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени.

И оваа година македонската држава им оддава признание и почит на апостолите на Словените, славејќи го делото кое претставува мост за зближување, соработка и поврзување. Она во што тие веруваа и се залагаа, претставува дополнителен поттик да продолжиме и понатаму да даваме свој придонес за развој и промоција на образованието и науката. Големото дело на светите Кирил и Методиј нè задолжува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.

Потсетувајќи на историската и епохална мисија на солунските браќа, остануваме доследни на нивниот пример за верба и истрајност, промовирајќи ја пораката за почитување на човековите права, слобода, достоинство, правото на идентитет, писменост и култура.

Нека ни е за многу години големиот државен празник!“, стои во честитката.