Македонија

Претседателот Иванов го прими министерот за одбрана на Летонија

Претседателот Иванов го прими министерот за одбрана на Летонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за одбрана на Република Летонија, Рејмондс Вејонис.

На средбата, соопшти кабинетот на Иванов, било изразено задоволство од  досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Република Летонија на билатерален и мултилатерален план, особено во областа на одбраната и безбедноста.

Претседателот Иванов го информирал министерот Вејонис за актуелната состојба во земјава потенцирајќи дека на одржаната седница на Советот за безбедност е изразена најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија, а со преземената акција полицијата успеа да ја спречи намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата и да спречи и цивилни жртви.

Во надминување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија,  нагласил претседателот Иванов, потребна е поддршка и од меѓународната заедница бидејќи статус кво ситуацијата во евроатлантските интеграции, се подвлекува во соопштението, создава фрустрација во политичкиот и меѓуетничкиот живот правејќи нè ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Министерот Вејонис изразил длабоко сочувство за настаните во Куманово и ја пренел поддршката на Летонија за Македонија во нејзините напори за пристапување кон НАТО и ЕУ. Тој ја искажал подготвеноста на Република Летонија за натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи и соработка со Република Македонија во сите области од заемен интерес, особено во сферата на одбраната и безбедноста.