Претседателот Иванов му го честита на Макрон изборот за претседател на Франција

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до Емануел Макрон по повод неговиот избор за претседател на Француската Република.

– Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател наФранцуската Република, со желби за успешно извршување на оваа одговорна функција во полза на просперитетот и благосостојбата на пријателскиот француски народ. Цврсто сум убеден дека Вашата модерна визија и кохезивен карактер ќе претставуваат гарант за натамошен севкупен прогрес на Француската Република, се наведува во честитката.

Претседателот Иванов ја нагласува и цврстата определба на Република Македонија за натамошно зајакнување на пријателските односи, продлабочување на политичкиот дијалог со Француската Република и интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

– Воедно сакам да ја изразам мојата благодарност за поддршката што Француската Република континуирано и ја дава на мојата земја на патот кон нејзиното целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе даде свој полн придонес во заедничките стремежи за демократска и развиена Европа, во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа. Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување, пишува претседателот Иванов во честитката до новозибраниот претседател на Франција Емануел Макрон.