Претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит во Турција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од неговата сопруга Маја Иванова, од денеска до сабота ќе престојува во посета на Турција каде ќе учествува на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара што ќе се одржи во Истанбул, јави МИА.

На свеченото отворање на самитот, Иванов ќе има свое обраќање а потоа ќе се обрати и на сесијата на претседатели на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста“.

Покрај претседателот Иванов, на форумот ќе присуствуваат и актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина земји.

Во состав на македонската делегацијата се и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Џери Наумоф и министерот без ресор Фуркан Чако, кои ќе ги презентираат поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмените кои ќе учествуваат на Евроазискиот економски форум. На форумот ќе учествуваат и македонски компании.

Ова ќе биде петто учество на претседателот Иванов на  Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, што се организира секоја година, почнувајќи од 1998 година. Мармара фондацијата е формирана 1985 година и е призната од страна на ОБСЕ. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.