Претседателот Иванов на инаугурација на Порошенко во Киев

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Киев ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Украина, Петро Порошенко.

Порошенко победи на претседателските избори што се одржаа минатиот месец, освојувајќи преку 50 проценти од гласовите. Главни противкандидати му беа поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, Олег Лјашко, Анатолиј Гришенко и Сергеј Тигипко.

Познатиот „крал на чоколадата“ е сопственик на популарниот ТВ канал, на фабрика за автомобили и бродоградилишта. Во текот на кампањата тој вети „нов начин на живот“ и нормализирање на односите со Русија во рок од три месеци. Приоритет во програмата на Порошенко е и членството на Украина во НАТО.

на денешната инаугурација на Петро Порошенко за нов претседател на Украина, ќе присуствуваат 56 странски делегации, а најмалку 23 делегации ќе бидат предводени од шефови на држави, влади или парламенти.

Порошенко ќе ја положи свечената заклетва на специјална пленарна седница на Парламентот. Во Украина нема законски утврден протокол за стапувањето на должност, поради што секој новоизбран шеф на државата користи свое сценарио.

Петиот претседател на Украина ќе ја постави едната рака на Уставот, а другата на Пересопницкото Евангелие (прв познат превод на евангелскиот текст на украински литературен јазик) и свечено ќе се заколне на верност кон Украина.

„Се обврзувам дека со сите свои дела ќе го чувам суверенитетот и независноста на Украина, ќе работам за доброто на татковината и благосостојбата на украинскиот народ, ќе ги чувам граѓанските права и слободи, ќе го почитувам Уставот на Украина и законите на Украина, ќе ги исполнувам обврските во интерес на сите мои сонародници и на зајакнување на авторитетот на Украина во светот“, ќе се заколне Порошенко.

Мирот и редот на церемонијата ќе го обезбедуваат 3.300 припадници на безбедносните сили, соопшти прес-службата нма украинскиот Министерство за внатрешни работи.

На церемонијата, американската делегација ќе ја предводи потпретседателот на САД Џозеф Бајден и тој во Киев ќе има разговори со Порошенко и со премиерот Арсениј Јацењук за „плановите на украинската влада за спроведување демократски реформи, економски развој и смирување на кризата во источниот дел на земјата“, соопшти Белата куќа.

Бајден ќе има средба и со претседателот на Молдавија Николај Тимофтиј, на која ќе разговара за ситуацијата во регионот.

На инаугурацијата ќе присуствува и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, како и претседателот на Европскиот совет херман ван Ромпуј, канадскиот премиер Стивен Харпер, францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабијус, претседателот на Грузија Гиорги Маргвалашвили и рускиот амбасадор Михаил Зурабов.