Претседателот Иванов на средба со македонската дијаспора во Њу Џерси

Во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 71. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, остварил средба со претставниците на македонската заедница во Сидер Гров, Њу Џерси.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Kабинет, ја посетил црквата „Св. Кирил и Методиј“ и присуствувал на традиционалниот фестивал, што секоја година го организира македонската дијаспора од Њу Џерси, со цел промоција на македонската традиција и култура во САД.

иванов во њу џерси

Иванов на претставниците на македонската заедница им порачал да бидат сложни и единствени, хумани и солидарни, и достоинствено и гордо да ја претставуваат Македонија.

– Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија. Со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Да соработуваме и да се сплотуваме, истакнал Иванов пред македонските иселеници во Њу Џерси.

Македонскиот претседател при секоја посета на странска држава, традиционално остварува средби со македонските иселеници и во континуитет се залага за развој на односите со дијаспората, преку оддавање признанија за нивните успеси како поединци и здруженија.

Претставниците на македонската заедница изразиле задоволство и се заблагодариле за посетата на претседателот Иванов.

иванов во њу џерси

Македонската заедница во Њу Џерси брои околу 20.000 Македонци. Претседателот на црковната заедница Никола Милески, истакнал дека Македонците во овој регион на САД се етаблирани членови на американското општество, позиционирани во повеќе области, пред се како доктори, бизнисмени и адвокати, но не се доволно инволвирани во политиката и во процесот на донесување на одлуки. Киро Трајчевски изјавил дека македонската заедница во Њу Џерси будно ги следи сите политички настани како во САД, така и во Македонија, истакнувајќи дека изминативе години има повеќе директни ивеститори токму од нивни сограѓани, Македонци од Њу Џерси, кои инвестирале во угостителството, туризмот, рударството и винарството во Република Македонија.

Во рамки на учеството на 71. сесија на Генералното собрание на ОН, претседателот Иванов денеска ќе се обрати на состанокот на високо ниво за справување со големите движења на бегалци и мигранти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.