Македонија

Претседателот Иванов на средба со граѓаните

Претседателот Иванов на средба со граѓаните

 Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Народната канцеларија во Скопје оствари средба со граѓани, на која што се запозна со нивните ставови и мислења околу севкупните состојби во општеството, и ги слушна нивните сугестии, согледувања и визии за идниот развој на Република Македонија.

На средбата со претседателот Иванов, граѓаните се интересираа за проекти од областа на иновациите, предизвиците во образованието, прашања поврзани со судството, зачувувањето на македонскиот идентитет. Граѓаните разговараа и за перспективите на младите и проблемите со невработеноста.

Васил Аргировски, добитник на повеќе дипломи за постигнати особени резултати во полето на иновации и технички унапредувања, побара поддршка во реализирањето на својата иновација за енергетска ефикасност, проект кој како што истакна Аргировски, би бил од огромна корист за Република Македонија.

Елизабета Николовска, пак, средбата со претседателот Иванов, ја искористи за да ги сподели предизвиците со кои што се соочува нејзиниот 16-годишен син Никола, млад успешен шахист. Ја претставувал Република Македонија на европско и на светско ниво, и е најмладиот FIDE мајстор.

Ферди Исмаили и Незир Хусеини од Асоцијацијата за демократки развој на Ромите, АДРР СОНЦЕ, со претседателот Иванов споделија дел од предизвиците со кои што се соочува ромската заедница, притоа оценија дека компаративно со голем број земји, Македонија е лидер во заштитата на правата на ромската популација.

Димитар Џундев, дипломиран во областа генетика, се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот Иванов и притоа ја сподели желбата за градење на својата кариера во Македонската академија на науките и уметностите.

Македонскиот претседател ги запозна граѓаните со активностите во вршењето на неговите уставни и законски надлежности, даде свои оценки и мислења за секој случај поединечно, притоа нагласи дека како и досега ќе ги користи механизмите во негова надлежност, за поуспешно надминување на сите предизвици со кои што се соочуваат граѓаните.