Претседателот Иванов попладне на средба со медијаторот Нимиц

Специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц денеска попладне (17:15) ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Нимиц, кој ќе престојува во Македонија до вторник, ќе има разговори со македонскиот државен врв за можностите за решавање на спорот за името. Доаѓа на покана на македонската Влада со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името, информираше прес-службата на ОН.

Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција, последен пат ги посети двете земји на крајот на јули 2014 година.