Претседателот Иванов со потег за национално помирување

Шефот на македонската држава, Ѓорѓе Иванов денеска ја соопшти одлуката со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни.

-Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени  да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата, истакна Иванов.

Тој додаде дека политиката се претворила во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки.

-Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздрживо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори, вели Иванов.

Македонскиот претседател е дециден дека ова што и се случува на Македонија не може да го дозволи во неговиот мандат.

Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби. Потребен ни е процес на национално помирување. Доста беше Македонецот да оди против Македонецот. Ова го гледам како чекор во таа насока. Кризата почнува да  завршува од овој момент и посакувам да добие завршница со фер и демократски избори по сите стандарди.  Легитимирани и признаени од меѓународните институции, и потоа државата помирена да продолжи да оди напред, оставајќи ги зад себе овие две мрачни години кои историјата ќе ги смета за црна дамка на нашата генерација, додаде Иванов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.