Македонија

Претседателот Иванов се сретна со хрватскиот премиер

Претседателот Иванов  се сретна со хрватскиот премиер

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Владата на Република Хрватска Зоран Милановиќ, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за натамошно јакнење на билатералните односи меѓу двете земји, за економската и регионалната соработка како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји се пријателски и со доверба, без отворени прашања, со заеднички стратешки цели за мир и стабилност во регионот.

Претседателот Иванов ја реафирмираше нашата подготвеност за унапредување и зголемување на соработка во економијата, трговијата,  туризмот, дополнувајќи дека за таа цел особено е значајно подобрувањето на инфраструктурата, со реализација на проектот Јадранско-јонска магистрала. Претседателот Иванов ја потенцираше важноста на „Брдо-Бриони Процесот” кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

Во однос на реализацијата на нашите стратешки цели, претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка и помош од страна на Република Хрватска за интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат. Во тој контекст македонскиот претседател  изрази очекување дека истите ќе продолжат и во иднина, со цел деблокада на македонските евроатлантски интеграции.

Претседателот Иванов ја поздрави и соработката меѓу двете влади и изрази надеж за нејзино интензивирање, со цел конкретизирање на проектите од заеднички интерес.

Премиерот Милановиќ, истакна дека стратешки интерес на Република Хрватска е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, дополнувајќи дека ќе продолжат со нивната конструктивна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов и премиерот Милановиќ изразија задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска, кои ги карактеризира силно пријателство и идентични ставови во однос на развојот на регионалната и на меѓународната соработка.