Претседателот Иванов се сртена со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, го запознал  Вселенскиот патријарх за актуелностите поврзани со Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нагласил дека сите разлики и спорови треба да се надминуваат преку дијалог, во духот на христијанството и меѓусебното почитување и разбирање.

Во тој контекст, македонскиот претседател истакнал дека го охрабрува и очекува дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ да се обнови и да се интензивира, и притоа да ги има предвид реалностите како и надежите и стремежите на верниците на двете цркви.

На средбата, претседателот Иванов му честитал на Вселенскиот патријарх за неговите иницијативи, активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздравил неговите средби и контакти со Папата Франциско, но и со другите религиски водачи.

‎- Кога целиот свет со соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка силна посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит, истакнал македонскиот претседател.

Изразувајќи задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање, Иванов истакнал дека средбите со Патријарх‎от Вартоломеј, секогаш се карактеризираат со отвореност, искреност и меѓусебно почитување.