Претседателот Иванов со честитка по повод Божик

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално честитката на претседателот Иванов

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви го честитам големиот празник на Рождеството Христово – Божиќ.

Славејќи го најголемиот ден од сите денови, денот кога се роди Синот Божји, се присетуваме на сè што е важно и што нè прави луѓе. Ја славиме желбата – љубовта, мирот и милосрдието да бидат нашите водилки за да станеме подобри луѓе и подобри христијани. Овој празник нè потсетува дека треба да ги негуваме семејните и традиционалните вредности, да шириме добрина и милосрдие, но пред сè да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани.

Македонската православна црква преку своето соборно единство, славејќи го денот кога се роди Синот Божји, денот кога започна животот и историјата на христијанската црква нè поучува на солидарност, добрина и заемно разбирање. Црквата години наназад стои исправена пред предизвиците на современото општество, заштитувајќи и негувајќи ја традицијата, религиозните и културните посебности на Република Македонија. Таа нè учи на човекољубие и милосрдие, посочувајќи дека сите сме исти пред Бога и дека љубовта, толеранцијата, семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат.

Водени од оваа верба треба да ги продолжиме воспоставените вредности на почитување на верските различности и на религиозните посебности, афирмирајќи ги човечноста и христијанските начела за мир и за заедништво.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот православен празник, Ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој, додека на членовите на Синодот и на верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам среќа, благослов и нека срцата на сите нас ни бидат исполнети со љубов и добрина.