Македонија

Претседателот Иванов упати честитка за празникот Рамазан Бајрам

Претседателот Иванов упати честитка за празникот Рамазан Бајрам

Претседателот Ѓорѓе Иванов упати честитка до граѓаните од муслиманска вероисповед во која им го честиташе празникот Рамазан Бајрам.

„Дозволете ми во мое, лично, име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани, припадници на исламската вероисповед во земјава, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.

На сите верници од исламска вероисповед им посакувам овие денови на празнување да ги минат исполнети со добрина, милосрдие, разбирање и љубов, вредности кои ги зближуваат и ги поврзуваат и луѓето и религиите. Убеден сум дека сите заедно ќе продолжиме да ги унапредуваме меѓусебните односи и меѓусебното разбирање, градејќи благородни дела. Токму затоа традицијата, години наназад, говори за заемната меѓусебна почит и за солидарноста, независно од верската и етничката припадност како завет за идните млади генерации.

Заемното почитување и славењето на празниците на различните верски заедници во земјава се столб на соработка и соживот. Тие се поттик за меѓусебно почитување и разбирање, вредности кон кои се стремиме, но и заеднички треба да ги негуваме.

Честитајќи го големиот исламски празник Рамазан-бајрам, Ви посакувам пријатни празнични денови исполнети со мир и благосостојба“, стои во честитката.