Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци ги негира обвинувањата на Николовски

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев ги негира вчерашните обвинувања на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Николовски вчера обвини за наводни делења субвенции по партиски клуч. Во дописот, Шаклев го повикува секој што е заинтересиран да дојде кај него, на неговата фарма, и да види за што добил и како ги користи земјоделските субвенции.

Им стојам на располагање на сите заинтересирани, посебно на дополнителниот заменик-министер и неговите советници, и ги поканувам да дојдат на мојата фарма, да видат за што добивам субвенции. На увид ќе им бидат дадени и сите документи за висината на поддршката и начинот на добивањето, од што ќе се види кој се служи со клевети и невистини и дали е тоа вистинскиот метод за добивање политички поени, вели Шаклев во писмена изјава до медиумите.