Претседателот на светската МЕНСА за талентирани деца Рајовиќ, ќе одржи едукативни предавања во Скопје

Претседателот на Светската МЕНСА за талентирани деца, Ранко Рајовиќ ќе одржи едукативни предавања на тема „NTC систем на учење-Како успешно да се развива IQ кај децата низ игра?“ во Скопје, на 15 март.

Со NTC системот на учење се зголемува интелектуалниот потенцијал кај детето, со што се развива брзината на размислување и заклучување – т.н. функционалното знаење.

Автор на програмата е Ранко Рајовиќ, лекар специјалист, основач на МЕНСА Југославија (денеска Србија) и одел за талентирани NTC (Никола Тесла Центар), член е на бордот на директори на МЕНСА International и претседател на Комитетот на МЕНСА International за талентирани деца. Живее и работи во Нови Сад- Србија, оженет, татко на четири деца.

NTC систем за учење ќе одговори на прашањето ,,Како да се стимулира големиот потенцијал на нашите деца пред да тргнат на училиште?” – односно во клучниот период за развојот на важни центри на мозокот. Програмата во центар ја става одговорноста на родителите, кои не се свесни дека со (не) дозволување на децата, да прават одредени активности, го попречуваат правилното развивање на нивните деца. Примери има многу, родителите им забрануваат на децата да скокаат, да се вртат во круг, или на пример им олеснуваат облекување на кондури купувајќи ги токму тие без врвки. Мозокот се развива во движење – 3 до 4 часа седење е еднакво на 40000 движења помалку! Децата имаат инстиктивна потреба да се движат, а нашата улога е да не ги спречиме во тоа, туку да им дозволиме, но обезбедувајќи им сигурно и стимулативно опкружување.“ вели Рајовиќ

Со оваа Програма за работа, наставниците во училиштата и воспитувачите во градинките, ќе можат навремено да се дететктираат надарените деца и да се стимулира нивниот потенцијал. Програмата има за цел да го поддржи и одржи развојот на биолошкиот потенцијал на детето, поттикнување на мисловните активности, развојот на интелектуалните и креативните способности, интелигенција и креативно размислување на секое дете. Дополнителна вредност на програмата е тоа што овозможува идентификација на талентираните деца и да се забрза нивниот развој.

NTC систем на учење се применува во 14 земји низ целиот свет, а сега и Македонија ја има таа чест да биде дел од таа глобална програма.