Претседателската фотеља во Собрание ќе остане само пуста желба за СДСМ и ДУИ?

Собрание Претседател

СДСМ и ДУИ се во очај откако во Собранието како бумеранг им се врати она што тие го правеа во минатите години, пишува порталот „Прес24“, пренесува Нетпрес.

Собранието треба да ја избере комисијата за избори и именувања, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го користат деловничкото право и дебатираат, па СДСМ и ДУИ не можат да го инсталираат Талат Џафери на претседателското столче.

СДСМ е партијата која на ист начин го блокираше донесувањето на буџетот пред неколку години. Имено, во 2012 година при расправата за донесување на буџетот за 2013 година СДСМ поднесе стотина амандмани во Комисијата за финансирање и буџет. Најгласен дека буџетот не треба да се донесе и дека поради тоа се поднесуваат амандмани беше тогашниот пратеник Игор Ивановски. Пратениците од СДСМ тогаш ги плашеа граѓаните дека државата ќе банкротира ако се донесе таков буџет. Не помогнаа ниту укажувањата на власта дека доколку се пролонгира донесувањето на буџетот, најголема штета ќе претрпат граѓаните бидејќи нема да може да им се исплатат плати на вработените во јавниот сектор, но и субвенциите на земјоделците.

Тогаш пратениците на Заев дебатираа во матичната Комисија до бесконечност, откако претходно поднесоа илјадници амандмани на предлог Буџетот.

Истата тактика ја користеше и ДУИ за да го блокира донесувањето на Законот за бранителите. Секогашниот кандидат на СДСМ, Талат Џафери молчеше во Комисијата за труд и социјална политика, читаше книги и поезија и правеше се’ за да го блокира донесувањето на Законот кој требаше да ги реши судбините на голем број семејства на македонските бранители. Тогашната претседателка на Комисијата, Цветанка Иванова, го бранеше дека на тоа има право.

Џафери дури и ги предупредуваше пратениците дека доколку го прекинат неговото молчење, ќе побара збор и повторно ќе молчи.

За разлика од однесувањето на СДСМ и на ДУИ во минатото, ВМРО-ДПМНЕ сега бара најпрво да се избере Комисијата за избори и именувања до која партиите ќе можат да доставуваат предлози, а дури потоа да се дебатира за предлогот на СДСМ – Талат Џафери да биде нов претседател на Законодавниот дом.

Сега, ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник и можност дебатата да ја држи активна до крајот на летото. Потоа, истото може да се повтори и во Комисијата, но и повторно на седницата кога на дневен ред ќе дојде точката на која ќе треба да се избере собранискиот претседател.

Во ваква ситуација извесно е дека СДСМ и ДУИ ќе треба долго да чекаат за да го донесат во претседателската фотелја Талат Џафери. Во таква ситуација, пратениците на СДСМ и ДУИ демонстрираат очај и нервоза, па од место се дофрлаат најразлични пцовки па дури и закани. Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не решат поинаку, собраниското мнозинство на СДСМ и ДУИ не значи ништо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.