Претседателски избори во Романија

Во Романија утрово се отворени избирачките места за претседателските избори, на кои главен фаворит е актуелниот премиер Виктор Понта, чија победа, според аналитичарите, би ја довела земјата во политичка стабилност, но би можела да ја загрози независноста на судството, објави МИА.

Според последните анкети, 42-годишниот Понта, кој е лидер на владејачката Социјалдемократска партија, е во големо водство во однос на останатите 13 кандидати и би можел да освои околу 40 отсто од гласовите во првиот круг.

Противник во вториот круг на 16 ноември веројатно ќе му биде претседателот на Христијансколибералната партија, Клаус Јоанис (55), кој е актуелен популарен градоначалник на Сибиу, град во Трансилванија.

Актуелниот претседател Трајан Басеску, кој за време на предизборната кампања го обвинуваше Понта дека е поранешен шпион, не може да се кандидира за трет мандат.

Првите резултати од денешните избори, на кои право на глас имаат над 18 милиони Романци, се очекуваат утре.

Новиот шеф на романската држава го очекуваат голем број предизвици, пред се во областа на економијата, која е во рецесија, и во борбата против корупција, оценуваат експертите.

Иако премиерот има извршни овластувања, претседателот на државата го именува премиерот, судиите, обвинителите, шефовите на разузнавачките служби и може да стави вето на владините предлози.