Претставена макета за фонтаната „Свети 40 маченици“ во Штип

Скулптoрот Ивица Николов-Пиза од Скопје и понуди предлог идеја за спомен обележје (фонтана) на „Светите 40 маченици“ на Општина Штип. Тој својата идеја, во вид на макета ја изложи во холот пред кабинетот на градоначалникот а Општина Штип треба да размисли дали макетата одговара и е во согласност со она што празникот Свети 40 маченици претставува за градот.

„Не станува збор за иницијатива, бидејќи за поставување на спомен обележје постои соодветна програма и постапка. Програмата за поставување на спомен обележја до 2017 година е веќе усвоена, што значи дека не предвидува вакво обележје. Во конкретниов случај, тоа е само идеја на еден уметник кој истата ја претстави преку соодветна макета изложена во локалната самоуправа. Идејата се совпадна со одбележувањето на празникот кое ќе се случи идната недела“, изјави Кирил Панајотов, од одделението за јавни дејности.

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев напомена дека идејата е добра, но дека е долг патот за реализација, доколку општината би прифатила изработка на вакво спомен-обележје. Како прво, потребна е постапка за измена на усвоената програма, потоа пронаоѓање на соодветна локација а имајќи предвид дека станува збор за скулптура која е религиозна тема, задолжително треба да биде консултирана и Македонската Православна црква. Што се однесува до финансискиот дел, кој е најважен, според градоначалникот, Општина Штип засега има приоритети да асфалтира патишта и да гради водоводни и канализациони мрежи и не се предвидени пари за конкретната идеја. Доколку постои донатор, тогаш идејата би се разгледала.

Празникот „Свети 40 маченици“ влезе на листата на нематеријално богатство на УНЕСКО и претставници на оваа организација се очекуваат на 22 март да го проследат целиот церемонијал а сигурно ќе ја видат и макетата,што значи дека би се сондирало и нивното мислење за тоа дали УНЕСКО може да финансира вакво спомен-обележје.

Спомен-обележјето би било високо десет метри и е составено од пет дела. Според образложението на авторот, станува збор за културно-религиозен споменик кој во основата содржи фонтана во форма на крст а следните три дела содржат приказ на 40.те маченици. На самиот врв е статуа на Исус Христос кој се моли за нивните души со височина од 2.5 метри. Токму заради религиозните елементи, градоначалникот Захариев вели дека е потребно мислење од МПЦ пред да се преземе било што. Скулптoрот во образложението на идејата наведува дека за конструкција се потребни две години а истата би чинела околу 150.000 евра.