Магазин

Претставување на македонската музичка уметност во светот

Претставување на македонската музичка уметност во светот

Министерството за култура во рамките на Годишната програма поддржа низа проекти за промоцијата на македонската музичка уметност и уметниците во светот.Во таа насока во музичко-сценската дејност оваа 2014 година се поддржани многубројни претставувања на нашите институции и поединци на фестивали, манифестации, гостувања и натпревари во странство.

Македонската Опера и балет со оперската претстава „Дон Џовани“на 13, 15 и 16 септември годинава со поддршка на Министерството за култура ќе учествува на 16-тото издание на „Меѓународниот фестивал на музика и игра“ кој ќе се одржи во културниот центар во Банкок, Тајланд.

Истиот месец во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија, а по повод одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Македнија и Република Австрија, во Виена, балетот при МОБ ќе ја изведе балетската претстава „14 часа“. Претставата „14 часа“ е современ балет во кореографија на Игор Киров, либрето и режија на Наташа Поплавска, музика на Кирил Џајковски и костимографија на Александар Ношпал, а истата беше изведена и во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ која секоја година традиционално се одржува во месец мај во Рим, Италија.

Од особено значење е и концертот на Македонската филхармонија во октомври во концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Концертот е дел од 40-тото. издание на најстариот и најпрестижен музички циклус во Република Хрватска „Свет на музиката“.

До крајот на годината Сојузот на композиторите на Македонија во соработка со Факултетот за електро- акустична музика ќе реализира концерт во холандскиот град Хилверсум, како и концерт на современа македонска музика со австралиски исполнители, во Мелбурн, Австралија.

Со поддршка на Министерството за култура, Студиото за модерни танци „Брејк а лег“ ќе ја претставува Република Македонија на Светското првенство во Модерни Танци 2014, кое ќе се одржи во Бохум, СР Германија во периодот од 24 до 28 септември. На првенството ќе земат учество околу 40 земји од 5 континенти, а Македонија ќе биде претставувана од 30 танчери од Брејк а Лег, кои и оваа година ќе имаат шанса да го повторат минатогодишниот пласман од Светското Првенство во Данска, каде се пласираа во финалето.