Три преводи на бугарски од македонски јазик

Авторот на скоро 40 книги за деца, Донев, кој присуствуваше на промоцијата, рече дека книгата ја напишал пред 30-ина години и  била преведена на српски и на турски. Задоволен е што сега таа ќе има и бугарски превод зашто првата книга што ја прочитал како дете била од Елин Пелин преведена на македонски јазик.

Сепак, јас најмногу учам од децата, пишувам такви книги какви што јас сакав да читам кога бев дете, рече Донев, кој го пофали и преводот на Тања Попова.

Преведувачкта Попова додаде дека за неа секој превод треба да биде совршен.

  Значајно е мајсторството на авторот, ако нема материјал, ќе нема ни квалитетен превод, рече Попова.

Таа ја преведе и книгата „Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски, и романите на Владимир Плавевски и Фросина Пармаковска („Сплаварот на Вардар“ и „Вишнова хроника“) кои беа промовирани вчера на македонскиот штанд, а и денеска ќе бидат претставени на штандот на издавачот „Персеј“.

Попова до сега превела девет дела од македонски автори. Прв автор бил Трајче Кацаров и неговиот роман ,„Татко и отец“. Преведувала и поезија и пиеси, а со Конкурсот за финансирање странски издавачи на Министерството за култура на РМ договорено е да преведе уште две книги од млади автори – „Ненасловена месечева соната“ на Давор Стојановски и  „И човек и пес“ на Владо Димовски, како и „Балканвавилонци“ на академик Луан Старова.

Нове Цветановски од „Македоника литера“, издавачката куќа од Скопје која го организира претставувањето на Република Македонија на Саемот во Софија, на присутните им соопшти дека Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на странски издавачи кои ќе објават македонски автори трае во текот на целата година и заинтересираните издавачи може во секој момент да аплицираат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.