Презентација на бизнис можностите на Македонија во Баку

Претседателот на Република Македонија во рамки на работната посета на Република Азербејџан денеска во Баку ќе се обрати на бизнис форум, на кој ќе бидат презентирани потенцијалите на Република Македонија и поволностите за странски инвестиции,пренесува МИА.

На форумот, кој е во организација на Турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ, за можностите за инвестирање во Македонија и поволната бизнис клима ќе говорат Климент Шеќеровски, заменик извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Горан Стоев економски промотер на Македонија во Азербејџан.

Претседателот Иванов, вчера се обрати на отворањето на 3. Глобален форум „Градење доверба во новиот светски поредок“, што е во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Мадридскиот клуб и Азербејџанскиот државен комитет за работа со дијаспора на кој учествуваат над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет.

Тој имаше средба и со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев при што двајцата изразиле согласност за динамизирање на политичките и економските односи. Алиев подвлекол дека Азербејџан е заинтересиран за инвестирање во македонското стопанство.

Сопругата на претседателот Иванов, Маја Иванова денеска во рамки на Глобалниот форум ќе се обрати на панелот насловен „Улогата на жената во мировното владеење“ на кој меѓу другите, е најавено учество на поранешниот премиер на Италија Масимо Далема и поранешната прва дама на Украина Катерина Јушченко и претседател на Фондацијата „Украина 3000“.

За време на престојот во Баку, претседателот Иванов утре ќе се обрати и на Меѓународната конференција за човечки развој, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската академија за уметност и науки, а предвидено е да биде потпишан и меморандум за разбирање меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.