Македонија

Презентација на можностите на програмата „Хоризонт 2020“

Презентација на можностите на програмата „Хоризонт 2020“

Презентација на можностите на програмата „Хоризонт 2020“ преку студии на случај организира Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образивание и наука денеска и утре на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

Целта на презентацијата е да ги запознае заинтересираните кандидати со деталите од новата програма на ЕУ за истражување и за начинот на аплицирање.

Презентацијата ќе ја одржи д-р Петар Моѓуроши, експерт во областа на управување со иновации, соработка меѓу индустријата и истражувачката дејност и трансфер на технологии. Преку студии на случај тој ќе ги елаборира елементите што ќе придонесе за создавање  солидна основа за успешна подготовка на проекти.

Рамковната програма за истражување и иновации (2014-2020) „Хоризонт 2020“ е финансиски инструмент на ЕУ со кој се поддржуваат истражувањата и иновациите, со крајна цел поголем економски раст, креирање нови работни места и зголемена конкурентност.

За наредните шест години програмата располага со буџет од над 70 милијарди евра и е отворена за учество на широк спектар на организации и индивидуални истражувачи: универзитети, истражувачки центри, лаборатории, мултинационални компании, мали и средни претпријатија, невладини организации, здруженија на граѓани, јавна администрација, фондови, локална самоуправа…

За малите и средните претпријатија има специјално дизајнирано инструмент со кој се финансираат три фази: подготовка, истражување и развој и комерцијализација и влез на пазар.