Презентација на проектот „Проценка на корупцијата и антикорупцијата во Југоисточна Европа“

Во рамки на Регионалниот извештај за антикорупција денеска во Скопје ќе се одржат презентација за „Проценка на корупцијата и антикорупцијата во Југоисточна Европа“, подготвена од иницијативата СЕЛДИ (Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа) чија членка е и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Извештајот е дел од проектот Регионална платформа за борба против корупцијата, поддржан од Европската Унија и дел од Програмата на УСАИД за борба против корупцијата.

На промотивниот настан предвидено е да се обратат вршителот на должност Амбасадор на САД, Барт Патни и Мартин Клауке раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

Даниела Минева, истражувач во Центарот за изучување на демократијата од Бугарија ќе го презентира Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија, а Мунир Подумљак, извршен директор на Партнерство за општествен развој од Хрватска ќе зборува за искуствата на Хрватска во борбата против корупцијата.

Проектот Регионална платформа за антикорупција е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Центарот за изучување на демократијата од Бугарија и неговите партнери. Целта е да се воспостави дијалог со носителите на одлуки на регионално и на национално ниво како и да се зголеми транспарентноста, легитимноста и сигурноста на организациите на граѓанското општество.

Програмата користи неколку иновативни методи вклучувајќи го Системот за следење на корупцијата (ССК) кој користи различни извори на информации и ги комбинира квантитативните и квалитативните методи за следење и проценка. ССК обезбедува детални информации за типовите, нивото и трендовите на корупцијата. Обединетите нации (ОН) го имаат признаено ССК како систем со најдобри практики за следење на корупцијата на национално ниво.