Преживеаа сите патници од запалениот авион во Дубаи, загина пожарникар

Сите 300 лица, патници и членови на екипажот, преживеаа вчера откако се запали авионот „Боинг-777“ на авиокомпанијата „Флај Емирејтс“.

Лицата беа френетично извадени од запалениот авион, пред пламените да го зафатат целото летало.

– Загинат е еден од пожарникарите кои учествуваа во спасувачката акција, а десет лица се хоспитализирани, соопшти претседателот на авиокомпанијата Ахмед бин Саед ал Мактум.

Ова е најсериозен инцидент во историјата на авиокомпанијата, која се смета за една од водечките во последните 30 години.

Вчера, авионот „Боинг 777“, на летот ЕК521 од Тируванантапурам во Индија до Дубаи, требало да слета во 12:50 часот по локално време, а несреќата се случила во 12:45 часот.

Претставници на авиокомпанијата се уште не можат да кажат за причините за инцидентот, иако исклучуваат „секакви проблеми поврзани со безбедноста“. Компанијата најави целосна соработка со властите за разјаснување на инцидентот.