При градежни работи во село Богородица, најдени 30-ина активни гранати

Во гевгелиското село Богородица пронајдени се триесетина неексплодирани артилериски гранати при расчистување на дворно место за градење на семејна куќа.

Гранатите се со калибар од 82 сантиметри и според првичните порцени потекнуваа од Првата светска војна.

Откако случајот е пријавен во полиција, на терен е испратен Ефтим Митров од Дирекцијата за заштита и спасување, според кого гранатите се уште се активни.

Се претпоставува дека ги има многу повеќе затоа што на тоа место имало полски магацин и нивната конечна бројка ќе се знае кога ќе заврши целосното истражување на местото.

 На само половина метар над гранатите некогаш имало варџилница и вистинска среќа е како не дошло до експлозија од која последиците би биле катастрофални за селото, изјави Митров.

Откако ќе заврши отстранувањето на сите гранати од местото кое се истражува, ќе бидат уништени, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.