Прием во Атина по повод македонската независност и државност (ВИДЕО)

25 години независност и 72 години државност на Македонија беше поводот за приемот во организација на македонската амбасада во Атина. Амбасадорот Дарко Ангелов пред присутните амбасадори, дипломати и претставници од кабинетот на грчкиот премиер и претседател и останатите, порача дека актуелниот процес на мерките за градење доверба многу ветува и е показател дека односите меѓу Македонија и Грција се на вистинска патека.

– Комуникацијата и интензитетот на комуникацијата, па би рекол и квалитетот на таа комуникација навистина е зголемен и подобрен во овој двегодишен период. Мислам дека е прерано да очекуваме конкретни политички исходи од тоа, во смисла на прашањето кое што не оптоварува, односно ја оптоварува Грција во врска со нас, а со тоа се блокираат нашите интегративни процеси. Но во делот на практичната, оперативна соработка, мислам дека стигнуваме во оној период каде што многу наскоро ќе можеме да претставиме и конкретни ефекти и резултати од таа комуникација, вели Ангелов во изјавата за македонските дописници од Атина.

На новинарско прашање дали политичката ситуација во Македонија има влијание врз билатералните односи со Грција, Ангелов вели дека во секоја земја која што има комплицирани долгогодишни прашања со друга земја, за да се дојде до решение на тие прашања неопходно е да има  политичка состојба која што дозволува нивно надминување.

– Очигледно, состојбите во Македонија на внатрешно политички план последниве две години даваат помалку простор да се постави политичкиот момент да зборуваме за конечно затворање на прашање кое што е комплицирано и постои веќе 20 години. Сега имаме и техничка влада, така да не би одел повеќе од тоа во политика, особено во внатрешно политичка крајност не би одел, но очигледно е дека, се разбира, има одредени граници до кои што можеме да имаме очекувања, особено во дадениот контекст, изјави амбасадорот Ангелов.

Македонија и Грција воспоставија дипломатски односи со потпишувањето на Времената спогодба во 1995 та година, со која што нашата земја меѓудругото, се обврза и на промена на знамето со сонцето од Кутлеш. 13 години откако ја потпиша, Грција ја прекрши спогодбата со ветото за членството на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт, што беше потврдено и од судот во Хаг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.