среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 23

Прифатен во прво читање Предлог-законот за вработување сто најдобри дипломирани студенти

Со законското решение се предлага вработување на сто лица кои студиите ги завршиле со просечна оценка од најмалку 9,5 на една од петте најдоброрангирани јавни високообразовни установи.

sobranie-6

Последни вести

Собранието на Република Македонија попладнево го прифати во прво читање Предлог-законот за вработување сто најдобри дипломирани студенти од јавните универзитети во државата и го даде на понатамошно читање.

Со законското решение се предлага вработување на сто лица кои студиите ги завршиле со просечна оценка од најмалку 9,5 на една од петте најдоброрангирани јавни високообразовни установи.

Утврдени се условите (основни и дополнителни) и се уредува постапката за вработување на стоте најдобри дипломирани студенти која ќе почне со објавување јавен оглас, по кој ќе биде избран најдобриот кандидат за работното место и тој ќе заснова работен однос со институцијата на јавниот сектор.

Законот треба да почне да се реализира од 2017 година и за него се обезбедени финансиски средства.

Пратениците од владејачкото мнозинство во дискусијата истакнаа дека се работи за закон со кој јавниот сектор ќе добива квалитетен кадар, а е мотивирачки и затоа што ќе ги поттикне студентите да учат и да се натпреваруваат. Тие оценија дека станува збор за добро законско решение со кое ќе им се даде можност на најдобрите студенти на петте најдобро рангирани универзитети доколку имаат желба, да се вработат во јавниот сектор.

Опозициските пратеници, пак, сметаат дека предлогот е популистички и дискриминаторски и прашуваат зошто, пред избори, власта сака да донесе закон за најдобрите дипломирани студенти. Според опозицијата, законот концепциски не е добар и не е остварлив. Тие сметаат дека на најдобрите дипломирани студенти треба да им се овозможи да најдат соодветни валоризирани места на пазарот на трудот, а не да се вработуваат во јавната администрација.

За пратениците од ДУИ предложениот закон ги дискриминира студентите Албанци и, како што најавија, доколку нивните забелешки не бидат прифатени во амандманската расправа, тогаш ќе гласат против ова законско решение.

Заменик – министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски истакна дека законот е целисходен и неговата намера е сериозна, но оти како Министерство, се отворени за секоја забелешка дадена од страна на пратениците.

Во попладневниот дел од собраниската седница беа усвоени и измените на Законот за студентски стандард во второ читање, а беа прифатени и измените на Законот за експропријација.

Собранието утре треба да ја продолжи расправата по останатите точки од дневниот ред на 117. седница.

Најчитани вести